Перински: Во инвестиционата програма имаме предвидено средства за реконструкција и одржување на водоводната и канализационата мрежа

Во инвестиционата програма имаме предвидено средства за реконструкција и одржување како на водоводната, така и на канализационата мрежа. Во таа насока, во периодот којшто следува заедно со општините и Град Скопје ќе направиме план на приоритети, врз основа на кој ќе делуваме заедно со локалните самоуправи со цел што е можно повеќе да ја унапредиме оваа мрежа, посочи Златко Перински, директор на ЈП Водовод и канализација - Скопје на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Перински нагласи дека во општина Сарај е изворот од кој целиот град се снабдува со вода, но дека наплатата токму таму, како што рече тој, е исклучително ниска, посочувајќи дека во иднина мора да се подигне свеста за рационалното користење на водата, но и на наплатата.

-Кога зборуваме за Сарај, би сакал сите овде заедно да се сложиме за една работа, а тоа е дека изворот од којшто целиот град се снабдува со вода за пиење, е токму во таа општина и 15 проценти од тој извор се троши токму во таа општина, а наплатата е исклучително ниска. Водата е ресурс којшто не смееме да го потцениме, бидејќи во иднина ќе се соочиме со проблеми доколку не ја подигнеме свеста за нејзиното рационално користење, а исто така и за наплатата, изјави Перински.