
Mинистерот за локална самоуправа Златко Перински во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ изјави дека македонските општини секоја година губат значителни финансиски средства поради недоволна наплата на сопствените приходи, особено на данокот на имот. Според него, загубите на локалните самоуправи се движат меѓу 80 и 100 милиони евра на годишно ниво.
Осврнувајќи се на барањето на ЗЕЛС за зголемување на процентот од ДДВ и персоналниот данок што се распределува кон општините, Перински посочи дека пред да се бараат дополнителни средства од централниот буџет, потребно е целосно да се искористат можностите што веќе ги нуди постојниот систем.
Министерот наведе дека најновото истражување на Министерството за локална самоуправа покажало дека голем дел од проблемот произлегува од неажурирани и нецелосни бази на даночни обврзници во општините.
„Ако сакаме да бидеме максимално искрени, општините губат околу милијарда и 100 милиони денари само затоа што во нивните бази немаат евидентирано физички објекти – куќи, станови, комерцијални објекти и слично. Кога излегуваме со барања за повеќе пари од државата, мора да бидеме чесни и да признаеме дека не сме ги искористиле доволно опциите кои веќе ни се дадени“, изјави Перински.