Перински на Светскиот ден на водата: Водата е живот, да ја заштитиме

Денеска во просториите на ЕУ Хаус, се одржа прес конференција по повод одбележување на Светскиот ден на водата 22 Март, каде се презентираа активностите кои се спроведоа, а вклучуваат дистриуција на видео материјали под слоганот „Водата е живот, квалитет кој трае“, како и дистрибуција на едукативно – информативен постер и видео до сите основни училишта на територија на град Скопје.

Сите говорници на денешниот настан едногласно ја потврдија потребата од зголемување на свеста и одговорноста кон водата како природен ресурс и нејзиното бесценето значење, како и потребата од заеднички пристап кон нејзината заштита.

-Повеќе од 100 години, невидливото го правиме видливо. Подземната вода, за нас како претпријатие, за нас како граѓани на град Скопје е од огромно и непроценливо значење. Секоја наша активност е во насока на зачувавање, токму на ова природно богатство, негова заштита од сите фактори кои може да делуваат негативно, негова рационализација во употребата, одржливост и изнаоѓање алтернативни извори на водоснабдување, како одговор на брзиот раст на градот, урбанизацијата и секако климатските промени, истакна Златко Перински, директор на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Перински додаде дека со слоганот водата е живот, квалитет кој трае, се испраќа порака за важноста на ресурсот, кој е од непроценливо значење за скопјани, како и дека ЈП Водовод и канализација - Скопје останува посветено во обезбедување на квалитетна вода, истакнувајќи дека од сите нас зависи, колку ќе го зачуваме.

Иницијативата на Здружението за Третман на води и Отпадни води на Македонија ЗТВ-МК и Друштвото за геотехника на Македонија при Градежниот факултет – Скопје, за спроведување на едукативно информативната кампања, со цел одбележување на Светскиот ден на водата 2022 под мотото „Подземни води - невидливото станува видливо“, освен од ЈП Водовод и канализација – Скопје, беше поддржана од ЕУ Делегацијата, Министерството за животна средина, Амбасадата на Швајцарија, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), Европската Асоцијација за води и „5+ Фамилија“.