Перформанс „Обука за реанимација“ и изложба на Сејла Камериќ дел од програмата на КРИК

Во рамките на фестивалот за критичка култура КРИК, во Музејот на современа уметност во Скопје, денес ќе се одржи перформанс „Обука за реанимација“. Почетокот е во 18 часот. 

Од КРИК го опишуваат настанот како исклучително интересен, искусувачки и рефлективен,

-Злоупотребувајќи ја ситуацијата на вообичаен курс за прва помош, изведбата симулира здружување на група луѓе како итен случај. Учесниците се водат низ различни вежби во кои на радикален начин се практикуваат односот на поединецот и колективот. Помеѓу напнатоста и опуштањето, несвесноста и проширувањето на свеста, одучувањето на позната ситуација станува политичка мерка со уметнички средства.- велат од КРИК.

Заедничката програма пак на КРИК и фестивалот за феминистичка култура и акција - Прво па женско, во соработка со Националната Галерија, ја најавуваат и самостојната изложба на уметницата Сејла Камериќ, во Чифте Амам. Отворањето на изложбата е закажано за 27 септември. Во 19 часот ќе може да се разговара со уметницата, а официјалнот отворање на изложбата започнува во 20.30 часот.