Пендаровски: На овие избори гласаме за политики за во Европа или за балканска кал

Претседателскиот кандидат, Стево Пендаровски и вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски на трибината со граѓаните во Куманово побараа масовна поддршка за Пендаровски, за земјата да продолжи да се развива и за добар живот за сите граѓани, а засекогаш да се заврши со режимот на Груевски.

Претседателскиот кандидат, Пендаровски, рече дека земјава конечно ќе добие претседател кој ќе се раководи од интересите на граѓаните, а не како досегашниот кој молчеше, штити партиски интереси и блокира.

„Големо мнозинство од народот знае кој ја носи земјава во ЕУ, а кој ја враќа назад. На овие избори гласаме за политики за во Европа или во балканска кал. Одиме кон Европа, ставаме печат, Груевски никогаш повеќе да не се врати, на власт, туку на отслужување на затворската казна“, порача претседателскиот кандидат Пендаровски.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски побара поддршка за политиките што водат напред, а ги водат премиерот Заев и претседателскиот кандидат Пендаровски.

„Имаме човек кој обединува и има јасна визија каде да ја води државата. Куманово кое е државава во мало ќе испрати порака дека сакаме вистински претседател. Од овде порачувам, криминалци и бандити никогаш повеќе на власт“, рече вицепремиерот и министер Спасовски, кој повика да се поддржат развојните политиките за напредна Република Северна Македонија.