Пецаков: Охрид да биде светска туристичка дестинација, град за младите кој има да блесне со сиот свој сјај

Кирил Пецаков е кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е роден 1985 година во Охрид. По професија е стоматолог и специјалист по детска и превентивна стоматологија. Вработен e во итната стоматолошка служба во ЈЗУ „Здравствен дом“ - Охрид. Пецаков е сопруг на Билјана која е специјалист орален хирург и татко на две малолетни деца. Охриѓани го познаваат како поранешен голман во ракомет и велат дека e позитивен, срдечен и народен човек.

Слободното време го пополнува со читање книги, не изостанува дружењето со блиски пријатели и другари, средби со граѓаните од каде вели дека ги согледува вистинските предизвици и проблеми на граѓаните.

Во денешното интервју со Кирил Пецаков разговараме за актуелните политички предизвици и неговата визија за Охрид.

На самиот старт го запрашавме како го гледа градот за четири години од сега?

Најважното за мене како човек кој е кандидат за Градоначалник на Охрид е гаранција за проектите кои ги нудиме и отчетност за тие проекти. Охрид да биде град во кој младите има да ја гледаат својата иднина, Охрид да биде светска туристичка дестинација, град кој има да блесне со сиот свој сјај, вели Пецаков.

Додава дека Охрид мора да има ефикасна и професионална администрација на компетентни луѓе кои мора да одговораат на потребите на граѓаните.

Вели дека дека во наредните четири години Охрид има да биде град со нови паркови, нови велосипедски патеки, пристапни влезови, зелен и хуман град.

Отворање индустриска зона во која локалните компании и инвеститори би пронашле интерес да го прошират својот бизнис, а со тоа отворање нови работни места. Подобрување на инфраструктурата во целост. Урбанизирање на сите оние населени места во Охрид кои немаат урбанистички планови долги години, грижа за зачувување на статусот на УНЕСКО, се во приоритети на Пецаков.

Го прашавме и за клучните проекти кои ќе се реализираат доколку ја добие довербата на граѓаните.

Приоритетни проекти во нашата програма Гарантираме за Охрид се: Реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“, нов и модерен изглед едно ново уредено катче, ревитализација на Студенчишко блато, изградба на нова велоспидска патека Охрид – Свети Стефан која ќе биде ново место за рекреација на современ и модерен начин, вели Пецаков.

Понатаму додава дека дел од проектите се и: реконструкција на булеварот „Македонски Просветители“, модерно сообраќајно решение какво што доликува на еден туристички град каков што е Охрид, Нов парк и проширување на зеланата зона на потегот од споменикот на А. Ден Долард до каналот Студенчишта, ново уредено катче за поубав и позелен лик на градот и препознатливо место за Охрид, изградба на ново модерно и современо основно училиште обезбедено со дидактички, нагледни средства и техничка опрема, потребни за реализација на модерна настава, катна гаража преку која ќе се реши проблемот со паркинг местата во Охрид и дополнително ќе се придонесе за растоварување на сообраќајниот метеж, поставување на фотоволтаични панели на спортските објекти, со чие поставување има да се добие поголема енергетска ефикасност, училишна спортска сала во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец, најсовремено опремена, изградба на нови мултифункционални спортски игралишта во Велгошти до спортската сала и во населбата Видобишта на постоечкото спортско игралиште како и на уште на две локации.

Кога мислиме на Охрид, мислиме и на туризмот и тоа е тема без која не може да помине било кој разговор поврзан со македонскиот бисер.  И токму на оваа тема Пецаков вели дека развојот на туризмот како значаен сектор за Охрид заслужува посебно внимание.

Наша главна цел и стратешки приоритет е континуирано зголемување на бројот на туристи, преку градење нови модели за развој на туризмот, креирање на нови форми на туризам, брендирање на производи и привлекување на брендирани имиња, зајакнување на човечките ресурси во угостителско-туристичкиот сектор и промоција на Охрид како безбедна и атрактивна туристичка дестинација со богати туристички содржини. Со јасна стратегија, макотрпна работа и мудри политики целта е да го зголемиме бројот на туристи и од туризмот и туристичкиот развој има да можат да живеат сите: туроператорите, туристичките агенции, туристичките водачи, хотелиерите, угостителите, приватните сместувачки капацитети, занаетчиите, музичарите... и сето тоа позитивно има да се одрази на локалниот економски развој, додава тој.

Заедно со Факултетот за туризам и угостителство и реномираните експерти во оваа област наша цел е нова Стратегија за развој на туризмот во Охрид со акциски план за 5 години, а со вклучување на јавноста и туристичкиот сектор да изработиме студија за развој на алтернативни форми на туризам, вели Пецаков на оваа тема.

Субвенционирање на изградба на хотели, доколку станува збор за познат бренд, спортски, рурален и еко туризам, промоција на целогодишен туризам – Охрид 365 дена, афирмација на Охрид како атрактивна дестинација преку целата година, Изградба, уредување и адаптирање на сместувачки капацитети и плажи за лица со посебни потреби, Охридски туристички речник во која по азбучен редослед има да бидат опфатени сите туристички вредности во Охрид, туристички, културни, историски, природни и верски локалитети и знаменитости во градот, формирање на туристички инкубатор, центар за обуки на водичи за планини, спасувачи на – ова ова се само дел од проектите кој тој ги најавува и планира.

На крајот вели дека неговата порака до граѓаните би ја предочил како мотив кој треба да биде поттик во што поголем број да излезат на гласање и да поддржат промени, проекти и победи.

За добробит на Охрид со идеи и знаења, за нов почеток, за нова победа, за нов успех, за светла иднина, заклучува на самиот крај Пецаков.