Патување со миленик - ЈП Лајка со совети и одговори

Сезоната на летни одмори е веќе започната, па доколку се решите да го понесете домашниот миленик на вашето патување, особено надвор од нашата држава, потребно е соодветно да се подготвите.

ЈП Лајка советува:

1.ЧИПИРАЈТЕ ГО ВАШИОТ МИЛЕНИК

Задолжително е вашиот миленик да биде чипиран, па пред да патувате со вашиот миленик, проверете кај матичниот ветеринар дали вашите податоци како сопственик се уредно евидентирани во базата на миленици и дали микрочипот е прифатен во земјата во којашто ќе одите.

Покрај микрочипот, советуваме на миленикот да му ставите и околувратник, на кој ќе ги ставите вашите податоци: вашата адреса, адресата на местото каде што ќе отседнувате и телефон за контакт, во случај вашиот миленик да се изгуби.

2.ПОТРЕБНА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА МИЛЕНИКОТ (пасош, сертификат и внесени вакцини).

Како и за луѓето, така и за милениците задолжително е да се имаат пасош за миленици при патување. Во пасошот треба уредно да бидат внесени податоците за сопственикот и податоците за миленикот (пол, возраст, раса, број на микрочип, примени вакцини). При патување миленикот е задолжително да ја има примено вакцината за беснило најмалку 21 ден пред патувањето. Вакцината за беснило е задолжително законски и вакцинирањето на кучето се прави еднаш годишно. Бидејќи секоја држава има различни регулативи и правила за влез во државата со миленик, пред патувањето добро информирајте се. Покрај пасошот за миленици, потребен ви е сертификат од ветеринар дека миленикот не е болен, кој е потврда за здравствен статус на животното.

3.Дехемлминтизација односно прочистување од внатрешни паразити и аплицирање ампула или околувратник за заштита од надворешни паразити. Препорачливо е да се направи два дена пред патување во странство.

4. ПАТУВАЊЕ СО АВТОМОБИЛ

Најудобното и практично решение за патување со миленик е патување со автомобил, бидејќи може да правите пауза на неколку часа во зависност од потребите на миленикот. Доколку излегувате од вашиот автомобил, не ги оставајте миленикот внатре, затоа што дури и ако температурата не е превисока, внатрешноста на автомобилот може да се загрее и да му наштети на миленикот. Доколку вашиот миленик не е навикнат да патува со автомобил, препорачуваме да го тренирате пред самото патување. Со цел да му помогнете на вашиот миленик возењето во автомобил да му биде пријатно искуство ви препорачуваме да избегнувате силна музика за време на возењето, подгответе играчки за џвакање тие ќе му помогнат на кучето да се опушти, внимавајте на температурата во автомобилот, одбегнувајте да правите нагли запирање и да возите со преголема брзина, внимавајте на симптомите на стрес (тешко дишење и тресење),имајте секогаш вода и храна во автомобилот. Кучето во автомобил законски треба да биде во транспортер, кој исто така претставува практичен начин на транспорт отколку кучето да лежи на седиште или во скут. Пред патувањето препорачуваме да не му се дава храна на кучето, доколку е можно за превенција од мачнина во стомакот и гадење. За да го направите ова патување што помалку стресно и пријатно за вашиот миленик, консултирајте се со вашиот ветеринар за евентуални лекови за смирување и гадење

5.ПАТУВАЊЕ СО АВИОН

Пред да патувате со авион со вашиот миленик добро распрашајте се за условите со авионски компанија со која ќе летате. Авио компаниите обично дозволуваат мали миленици во патничката кабина и процедурата за патување со миленик може да биде различна во различни авио компании. Поради тоа, доколку патувате со вашиот миленик, за детални и прецизни информации задолжително консултирајте се со авиокомпанијата со која летате.

За да го направите ова патување што помалку стресно и пријатно за вашиот миленик, консултирајте се со вашиот ветеринар за евентуални лекови за смирување и гадење.

Доколку вашиот миленик е голем, ќе биде потребно да биде сместен во посебен транспортер за летање со авион. Во таков случај препорачуваме неколку недели пред патување да го тренирате вашиот миленик да се вежба седи во транспортер по неколку часа во текот на денот.

6.СМЕСТУВАЊЕ СО МИЛЕНИЦИ

Пред да закажете сместување, информирајте се дали е дозволено да престојувате со вашиот миленик и кои се правилата. Некои хотели и апартмани често прифаќаат миленици само со одредена големина.

Некогаш престојот на миленикот се наплаќа дополнително како услуга, затоа советуваме добро да се распрашате пред да се решите да го земете вашето милениче на патување со вас.

Патувањето со миленик е пријатно искуство, но може да биде и искуство со предизвици и непријатности како за сопственикот, така и за самиот миленик. Затоа направете добар план и организација на вашето патување, доколку се решите и вашиот миленик да ужива со вас на летен одмор.