Патријархот Порфириј во Скопје ќе служи литургија со Архиепископот Стефан

Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј денеска и утре ќе ја посети Македонската православна црква – Охридска архиепископија, соопшти СПЦ.

-На 24 мај, на празникот Свети Кирил и Методиј, патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски Стефан ќе служат литургија во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, во сослужение на епископите на двете сестрински цркви, се вели во соопштението.

На заедничката архијерејска литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Свети Сава” во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан, беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење.

Вселенската патријаршија на 9-ти месецов ја призна канонската природа на Македонската православна црква – Охридската архиепископија, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви.