Патарините лани оствариле приход од 53 милиони евра

Низ патарините на коридорите 8 и 10 лани транзитирале 52 милиони возила при што е остварен вкупен приход од 53.242.070 евра што претставува зголемување за 15 проценти. Граѓаните се уште го преферираат плаќањето во готово со нешто над 55 проценти, но во подем е и електронската наплата која учествува со околу 30 проценти во вкупната наплата, а безготовинското плаќање со платежни картички околу 15 проценти. 

Од Јавното претпријатие за државни патишта, кое денеска одбележува 36 години постоење на патарините во земјава, велат дека наплатната служба веќе не е синоним за полнење на негативни содржини на насловните страници, туку има имиџ на сериозна служба која 24/7 е во функција на патникот, а вработените се секогаш на ниво на задачата.

- Споредбено по години бројките се движеле во нагорна линија, па така во 2019 година остварен е вкупен промет од 43.607.588 евра, во 2020 година, во услови на пандемија и намален сообраќај забележавме промет од 34.029.562 евра, во 2021 година, од 46.401.122 евра. И оваа 2023 година проекциите се движат во нагорна линија и очекуваме приход од околу 56 милиони евра, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Тој заедно со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и со заменик-директорот на ЈПДП Благојче Трпевски извршија увид во работењето на наплатната служба на наплатната станица Петровец каде што се наоѓа и Оперативниот центар преку кој се мониторира работењето на сите наплатни станици. 

- Ова значи добивка не само за ЈПДП туку добивка и за граѓаните и државата бидејќи сите овие средства се инвестираат во нови патишта, во рехабилитација на постојните и одржување на сите регионални патни правци, изјави министерот Бочварски.

Во јули 2019 година почна да функционира и електронската наплата на патарините која, според податоците од ЈПДП, бележи постојан раст како во продажбата на електронски уреди, така и во надополнувањето. Така, од 2019 година до сега, продадени се вкупно 146.492 М-Смарт картички и М-Таг во количина од 18.477 уреди и направени се вкупно 892.673 поединечни надополнувања на електронски уреди. 

Првите три патарини во државата беа отворени во 1987 година кога првиот билет го издаде вработениот инкасант Никола Станоев, кој 36 години подоцна сеуште е дел од тимот на наплатната станица Градско. Оттогаш отворени се 14 наплатни станици на коридорите 8 и 10.