Паркот зад Универзалната сала, општина Центар ѝ го посвети на Русија

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, денеска засадија 10 садници од видот јавор и со овој чин го најавија хортикултурното уредување на паркот и идејното решение за реконструкција на детското игралиште позади Универзалната сала.

Паркот ќе биде именуван како „Парк на сеќавањето“, а Општина Центар, овој простор го посветува на Руската Федерација во знак на пријателство и во чест на одбележување на 75-годишнината од победата над фашизмот.

„Благодарност до рускиот амбасадор Сергеј Баздникин и до Руската Федерација за поддршката на активностите на Општина Центар и преку овој симболичен чин сакаме да пратиме пријателска порака која ќе остане во сеќавање на граѓаните и идните генерации“, изјави градоначалникот Богдановиќ.

Во мај годинава, Општина Центар со поддршка од руската амбасада постави нов споменик, лоциран на реконструираната улицата 9 Мај во Центар, во чест на милионите војници кои пожртвувано ги дадоа своите животи во војната, за повторно враќање на светскиот мир, слободата и демократијата.

Овие активности се потврда за успешниот пријателски и партнерски однос кои двете држави го негуваат за унапредување и продолжување на досегашната соработка и развој на односите меѓу двете земји, во сите области од заемен интерес и зближување меѓу народите на двете држави.