Париз ги забрани, каква среќа ќе имаат електричните тротинети во Скопје?

Електричните тротинети се нешто што е во тренд во изминатите години, а само пред неколку дена ЈП „Градски паркинг“ - Скопје почна со реализација на проектот за изнајмување на 500 електрични тротинети, кои ќе може да се пронајдат на 19 базни станици низ градот.

Иако проектот има за цел подобрување на квалитетот на воздухот во градот и унапредување на здравјето на луѓето, како што кажаа од ЈП „Градски паркинг“, сепак граѓаните не се премногу среќни поради истиот затоа што сметаат дека ќе се намали безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Граѓаните се жалат дека возачите на електрични тротинети не ги почитуваат правилата, а тоа го покажува и статистиката на Министерството за внатрешни работи (МВР). Во текот на 2021 година биле казнети вкупно 29 возачи на електричен тротинет, додека минатата година биле изречени санкции за 66 возачи.

Во сообраќајните незгоди годишно учествуваат околу 30 возачи на електрични тротинети, а секој шести е тешко повреден, покажа статистиката на МВР. Во 2021 година 29 возачи учествувале во незгода, а петмина се здобиле со тешки повреди, додека 22 лица имале лесни телесни повреди. Во 2022 година бројката на незгоди се зголемила и изнесува 33. Во нив потешко биле повредени четири лица, додека со полесни повреди се здобиле 27 возачи.

Најчесто се прекршува правилото за возење по дозволени површини и тоа се санкционира со парична казна од 80 евра. Возачот на електричен тротинет треба да плати глоба од 80 евра и ако не се движи по десната велосипедска патека, тротоар или пешачка патека во правец на движење на сообраќајот и доколку не користи велосипедска патека кога има таква и се движи по тротоар или пешачка патека.

Парична казна во висина од 120 евра следи за возачите следи и ако возат со брзина поголема од 25 км/ч на велосипедска патека или со брзина поголема од 6 км/ч по тротоар, пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци.

Возачите се должни да носат и заштитна кацига на глава, како и рефлектирачки елек во услови на намалена видливост, а исто така е забрането превезување на други лица. За прекршување на овие правила следи парична казна од 50 евра.

Париз веќе се откажа од електричните тротинети за изнајмување, откако минатиот месец на референдум дури 90 отсто од граѓаните гласаа против користењето на превозното средство во метрополата. Референдумот се одржа по поплаките на жителите на Париз дека возачите на електрични тротинети возат неодговорно и не ги почитуваат сообраќајните правила.

Француската метропола го воведе проектот во 2018 година со цел да го намали загадувањето на воздухот, а таков план има и ЈП „Градски паркинг“, но истиот отвори други проблеми, пред сè во безбедноста на пешаците и останатите учесници во сообраќајот, па останува да видиме како и дали ќе функционира овој проект низ улиците на главниот град.