Пановски за „Фокус“: Не сум на толку ниско ниво да прифаќам покана преку фејсбук

Новиот министер за здравство Беким Сали јавно преку социјалните мрежи ги покани докторите Никола Пановски, Драган Даниловски и Вело Марковски да бидат членови на Комисијата за заразни болести или пак советници во неговиот тим.

Веднаш после поканата, „Фокус“ го контактираше микробиологот Пановски, кој истакна дека нема никаков проблем да го советува првиот човек во здравството, но сепак начинот на кој е поканет не заслужува да се коментира. 

„Не ме контактирале, а за поканава слушнав од ваши колеги!!! Совети давам секому, секако би го советувал и министерот, во комисија на овој начин секако не влегувам. Јавната покана за мене е беспредметна да се коментира. Тоа лидерите на СДСМ и ДПМНЕ може да се канат преку медиуми. Јас не сум на толку ниско ниво за да прифатам таков вид комуникација“, вели доктор Пановски за „Фокус“.

Од друга страна, епидемиологот и поранешен министер за здравсто Даниловски уште пред еден месец се изјасни дека нема намера да биде член на Комисијата.