Пановски: Во услови на пандемија и богатите и сиромашните треба да добијат ист третман - кај нас не е така!

Докторот Никола Пановски во интервјуто за Скопје Инфо, зборува за сегашната состојба во која се наоѓа целиот свет, вклучувајќи ја и Македонија. Тој ги пренесува своите гледишта за стекнувањето колективен имунитет, доцнењето на вакцините, но и останатите грешки на одговорните чинители во овој процес. 

Државата заслужува „двојка“ за справување со пандемијата од Ковид 19, вели Пановски. 

- Најпогрешен потег мислам дека е тоа што не се вклучија приватните лаборатории во системот за ПВР тестирање, па 40% од тестовите граѓаните ги плаќаа од свој џеп, за напумпаните цени на тестирањето и да не зборувам. Нешто недозволиво во услови на епидемија, каде сите треба да добијат ист третман и богати и сиромашни и каде државата е таа која тоа треба да го обезбеди. Вака, ако направиме анализа, сигурно ќе се добие слика дека побогатите биле почесто позитивни на Ковид, што е лажна слика, бидејќи тие почесто се тестирале од сиромашните. За цена од 1850 денари, колку што признава ФЗОМ, приватните лаборатории не само што ќе ги покријат трошоците, туку ќе имаат и профит, вели Пановски. 

Прашање е зошто тоа сè уште не се прави?  Конечно, големата шлаканица дојде од ЕУ фондовите. Да склучеше ФЗОМ договор со приватните лаборатории, ќе им заштедеше на граѓаните 10 милиони евра, ќе имавме полесно и побрзо тестирање, поголема контрола на пандемијата, а сите тие пари сега државата ќе си ги добиеше назад. Да делеше бесплатни маски во јавниот провоз, молови итн, сега сите тие пари ќе си ги добиеше назад. Само приватните лаборатории ќе заработеа едно 2 до 3 милиони евра помалку, но најмалку толкава сума  чист профит ќе имаа само од тестовите. За профитот од другите тестови и за лекувањето да не зборуваме.

Втор погрешен  потег е некоректен однос кон матичните лекари, нерамноправен со оние во болниците, тие се најзначајниот дел од јавното здравство. Беа оставени сами, без да им се додели заштитна опрема, без да имаат протоколи за лекување на Ковид, без финансиска награда. До ден денес нема јавно објавени протоколи за третман на ковид, па судбината ви зависи кај кој матичен лекар сте се прикрепиле, кој специјалист ќе ве прегледа и не дај боже во кој ковид центар ќе ве хоспитализираат. За масовно непотребно и штетно препишување на антибиотици за лекување во домашни услови, за лесни и средно тешки случаи, во непознати двојни дози овде не би зборувал. Прашањето кое си го поставувам е, зошто во оваа моја борба за разумна употреба на антибиотиците бев и сè уште сум оставен сам, додава Пановски.