Пановски: Граѓаните не ја сакаат Арсовска, доблесно ќе биде да се повлече

Советникот од редовите на ЛДП, Никола Пановски во денешното гостување во Дејли Клик на ТВ21 вели дека скандал е недоаѓањето на седница за советнички прашања од страна на градоначалничката Арсовска. Тоа според него е недозволиво.

„ Недоаѓање на советнички прашања и недоаѓање на седници е скандал од страна на Арсовска. Тоа е недозволиво. Тоа е нејзина работа, тоа е како да не одите на работа. Човек што ќе добие 8 пати помалку гласови од мене каде што имавме 2 советници на парламентарни избори и 80 пати помалку од големите партии треба малку да има доблест и да се повлече. Граѓаните не ве сакаат. Може ве изиграла партијата, може сте вие во право но едноставно во интерес на граѓаните треба да се повлечете. Не може да се повлече цела советничка група на ВМРО-ДПМНЕ зошто гарантирам дека гласовите ќе бидат слични на нови избори. Но градоначалникот со 1300 гласови, не знам со кој памет отиде на избори“, рече Пановски

Тој посочи дека треба да почнат сите советнички групи да најдат начин да соработуваат во советот за да може барем да се преживее годината со оглед дека Арсовска нема да си даде оставка.

„Нејзиното образложение беше дека таа добила повеќе гласови од коалцијата ВМРО-ДПМНЕ и не сакаше да прави муабет со нас советниците. Тие се работи кои навистина укажуваат на една неодговорност и мислам дека време ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и сите да разберат дека она нема да си даде оставка. Дајте колку толку да соработуваме да ја преживееме оваа година“, посочи Пановски.