Дисциплинските постапки против двајцата затворски полицајци од затворот во Шутка, кои му овозможиле телефон на Васил Јованов, лицето кое на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази Фросина Кулакова, се веќе покренати и завршени, информираше денеска директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Пандов истакна дека по пронајдените телефони кај Васил Јованов, интервентна полиција извршила претрес во притворскиот дел на затворот, при што биле откриени 70 телефони. Контроли биле направени и три дена подоцна, кога повторно биле пронајдени уште 35 телефони. Во дополнителни контроли, извршени во полу-отворените и отворени одделенија, биле откриени околу 30 телефони.
– По откривањето на телефонот во Шутка, веќе следниот ден интервенцијата продолжила. При претресот во притворскиот дел биле пронајдени 70 телефони. Три дена подоцна, повторно направен е претрес и се откриени уште 35 телефони. Во понеделникот бевме во Штип и Струмица, но таму наоѓаме само три телефони, изјави Пандов, нагласувајќи дека бројките од Шутка го загрижуваат.