Палчо чувал пиштол во просториите на партијата, „Кангуто“ му било дадено на користење

Денес во Кривичниот суд сведочеше сопственикот на Реното „Кангу“ кое се појавува на снимките. Тој зборуваше и за тоа како видел дека во штабот на „Десна“ имало пиштол. Сведокот кажа дека Палчо често спиел таму но дека никогаш не прашал зошто му треба пиштол

„Тоа беше во штабот на Десна кај Шампионче. Во собата каде што спиеше Палчо имаше пиштол во футрола. Пиштолот беше во темна боја, темна или црна… Не прашав поради која причина е пиштолот тука“, рече Џолев.

Обвинителката потоа праша: Не ви беше чудно зошто има пиштол во политичка партија?

„Можеби не сум можел да прашам бидејќи имаше и други лица. Не ми е јасно чив беше тој пиштол, но мислам дека беше на Палевски“, рече Џолев кој кажа дека често донирал на партијата.

Џолев кажа дека возилото „Рено Кангу“ било донирано од негова страна на партијата Десна кога заминал да живее во Исланд. За него било полесно да го даде некој да го користи и не гледа проблем во тоа што ја позајмил колата.

Обвинителка: Од која причина го дадовте возилото на Десна?

„Немаше посебна причина. Полномошно не дадов. Јас го оставив на располагање, претходно беше исто така кај член на Десна. За мене беше полесно некој да го користи тоа возило“ „Јас не гледам што е проблем да се позајмува колата, јас во Исланд тоа често го правам. Јас не кажав дека возилото засекогаш ќе остане кај нив, го дадов на користење и да се пресели штабот од едно на друго место.“, рече Џолев.