Овие зборови се посветени на мојот брат

Овие зборови се посветени на мојот брат.

Photo by Annie Spratt on Unsplash

На човекот кој никогаш не бара признание за работите што ги прави. Тој е единствената личност во мојот живот која се појавува кога е најпотребно, без многу прашања и без многу зборови. Тој е оној кој знае кога ми треба совет, кога ми треба помош и кога едноставно ми треба некој што ќе биде тука.

Во животот среќаваме многу луѓе. Некои остануваат кратко, некои подолго. Но семејството е поинаква приказна. Тоа се луѓето што ги носиме со себе каде и да одиме. Луѓето што ги знаат нашите најдобри страни, но и нашите слабости. Луѓето што ги паметат сите верзии од нас, од детството до денес. Мојот брат е еден од ретките луѓе што ме познава толку добро што понекогаш знае што чувствувам и пред да кажам нешто.

Постојат луѓе што покажуваат љубов со зборови. Постојат и луѓе што покажуваат љубов со дела. Мојот брат отсекогаш бил дел од втората група. Тој е човекот што ќе вози километри ако ми затреба помош. Човекот што ќе се јави да провери дали сум добро. Човекот што ќе остави свои обврски настрана кога знае дека некој близок има потреба од него. Во свет во кој сите некаде брзаат, таквата посветеност е ретка и драгоцена.

Во изминатите години имаше периоди кога животот беше потежок отколку што изгледаше однадвор. Имаше денови исполнети со грижа, неизвесност и тага. Имаше моменти кога јас бев предалеку, а тој беше оној што остануваше да се справува со работите што никој не ги гледа. Тој ги водеше тешките разговори, ги носеше обврските, ја чуваше силата кога на другите им недостигаше и стоеше исправен дури и кога сигурно и самиот бил уморен. Некои товари не можат да се измерат во часови или километри. Тие се мерат во љубов, одговорност и тивка посветеност кон луѓето што ги сакаш.

Особено ја ценам неговата искреност. Вистинската грижа не значид дека ќе се согласиме во сѐ секогаш и секаде. Понекогаш значи да му кажеш на човекот дека греши. Или пак да му помогнеш да види нешто што самиот не го забележува. Да останеш искрен дури и кога тоа е потешкиот избор. Во животот имаме многу луѓе што ќе ни кажат тоа што сакаме да го слушнеме. Многу помалку се оние што ќе ни ја кажат вистината затоа што им е важно што ќе ни се случи.

Животот ме однесе далеку од дома и ми покажа многу различни луѓе и места. Но ме потсети и на нешто многу важно. На вредноста на луѓето што остануваат покрај нас без оглед на растојанијата, годините и околностите. Луѓето што се радуваат на нашите успеси како да се нивни и што не дозволуваат сами да ги носиме тешките моменти. Но, и луѓето што ќе го понесат дел од товарот без воопшто да побараат признание за тоа.

Затоа денес сакам едноставно да кажам благодарам. За поддршката, за трпението и За искреноста. За сите километри поминати без двоумење, за сите разговори и за ссите моменти кога ја носеше тежината на деновите кога јас не можев. За сите моменти кога ме потсетуваше која сум кога јас самата го заборавав тоа.

Не секој има среќа да има брат што е и семејство, и пријател, и потпора. Јас ја имам таа среќа.