Овие три скопски општини делат субвенции за велосипеди и тротинети

Аеродром, Центар и Гази Баба се скопските општини кои ќе делат значителни суми за субвенционирање на средствата за алтернативен сообраќај. 

Од општина Аеродром информираат дека наскоро ќе објават јавен повик за субвенционирање велосипеди и електрични тротинети, за што од буџетот се издвоени 1.680.000 денари.

Советот на Општина Аеродром на последната седница ја донесе одлуката со која аеродромци ќе имаат можност да добијат по 3 000 денари за набавка на велосипеди и по 5 000 денари за електрични тротинети. 

Општина Гази Баба во мај го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување на електричен тротинет. 

Средствата што Општина Гази Баба ќе ги субвенционира се во износ од 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000,00 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Субвенции за електрични тротинети на територија на општина Гази Баба се воведени за прв пат. 

Исто така и Општина Центар во мај го објави јавниот повик, а ќе се субвенционира 30% од цената за купување нов велосипед, Е-велосипед и Е-тротинет, но најмногу до 3.000 денари.

Со оваа мерка, покрај тоа што финансиски се помагаат граѓаните, истовремено го поттикнуваме користењето на алтернативни и еколошки средства за превоз, со што дополнително се дава придонес во борбата за заштита и зачувување на здравата животна средина, велат надлежните.