
Гази Баба е општината во која младите браќни парови ќе може да градат куќа без да плаќаат комуналии.
Како што соопшти градоначалникот на општината Бобан Стефковски, стартуваше реализацијата на една од најзначајните мерки од изборната програма, мерка која директно им помага на младите семејства – ослободување од плаќање комуналии за изградба на куќа за млади брачни парови до 35 години.
- Иако првично оваа мерка беше наменета за лица до 29 години, по детална анализа и препознавање на реалните потреби на младите, границата ја зголемивме до 35 години, со цел да опфатиме повеќе семејства кои сакаат да градат сопствен дом, порача првиот човек на општината.
Ова право може да го остварат лицата кои ги исполнуваат следниве услови:
- Имаат најмногу 35 години на денот на поднесување на барањето
- Се жители на Општина Гази Баба
- Градат, доградуваат или надоградуваат прв дом во нивна сопственост
- Објектот се гради исклучиво за лични станбени потреби
- Поднесуваат комплетна техничка документација согласно Законот за градење
- Доставуваат изјава дека објектот ќе го користат за сопствено домување најмалку 10 години.
Според Стефковски, со оваа мерка, се стимулираат младите да останат овде, како што рече, во нашата општина, да создадат свој дом, своја иднина и своја приказна токму во Гази Баба.
- Кога младите градат дом тука – градиме и ние посилна, посигурна и подинамична општина. Им помагаме на младите брачни парови, ги растеретуваме од голем финансиски трошок и им овозможуваме полесно да го направат најважниот чекор – создавање сопствено семејно огниште. Оваа мерка е инвестиција во иднината. Поддршка за младите е поддршка за развојот, напредокот и животот во општината. Ова е вистинска поддршка, реална мерка и силен чекор напред. Продолжуваме да работиме за општина која ги слуша потребите на своите жители, особено на младите, кои се нашата најголема вредност, изјави градоначалникот и ги повика сите млади брачни парови да ја искористат оваа можност и да аплицираат за изградба на свој дом!