
По случајот со заловениот волк во центарот на Скопје и бурните реакции во јавноста, со освестувачки став се огласи новинарката и активистка за заштита на животните мери Јордановска.
Нејзината поента е вака да се ангажираат и институциите и граѓаните и за секое едно напуштено куче низ улиците.
- Вака активно сите, граѓани + институции да се заангажиравме и за секој маламут, мастиф, питбул, самојед, кангал, малтезер или пинч сеедно, за сите неодговорни сопственици кои ги испуштиле на улица, ќе бевме многу подобро општество. Тогаш немаше да се чудиме од каде толку глутници по улици, каснувања, расфрлани отрови итн итн., пишува таа во својата фејсбук објава.
- На диво животно не му е место улицата, факт. Но, исто така и на овие напуштени кучиња не им е место на улицата. Со таа многу голема разлика што едното е горе-долу исклучок, а второво е практика. А практиката ни стана нормална.
А ова што го видовме со волкот, во другите држави се прави кога ќе се види напуштено куче. Лавини од пријави и реакции, додека не се најде кој го сторил делото. Жално и тажно колку сме далеку од тоа, додава Јордановска.
На нејзината објава се надоврза еден корисник на фејсбук кој потенцира дека оформена глутница на нов терен е опасна работа.
- Имаат истражувања правено на темава (во Светски рамки) дека најмногу напуштање на домашни миленици има пред летни одмори. Тоа све ни кажува за паметот на мнозинството од тие кои напуштаат миленици. Втор најголем фактор е кога детето запнало за миленик па му здосадило... Не е секој човек за миленици, посебно не за кучиња. Е сега плус и општините ништо не прават на локално ниво - све чекаат од Лајка... А конкретно за Скопје најголем проблем е што од цела западна Македонија носат камиони со глутници кучиња од кај нив, веќе оформена глутница на нов терен е опасна работа. Јас сум кучкар цел живот па неколку пати ме имаат нападнато глутници, сведочи тој.