
Трагедијата во Тафталиџе, во која животот го загубија мајка и нејзината ќерка, предизвика лавина реакции на социјалните мрежи. Граѓани, соседи и јавни личности повикуваат случајот да не се сведува на формулацијата „самоубиство“, туку да се отвори поширока дебата за институционалната одговорност и третманот на семејното насилство.
Во една од најсподелуваните објави се наведува: „Не ја нарекувајте оваа трагедија самоубиство. Кога жена – жртва на семејно насилство – е доведена до точка да си го одземе својот живот и животот на своето дете, тоа не е изолиран психолошки чин. Тоа е директна последица на континуирано насилство кое не било запрено.“
Авторот на објавата нагласува дека семејното насилство „не убива само со раце и оружје, туку и со игнорирање, минимизирање и институционална неактивност“, додавајќи дека општеството станува „тивок соучесник“ кога ги игнорира пријавите и ги третира како формалност. Од перспектива на психотерапија информирана од траума, во објавата се објаснува дека очајот не е карактерна слабост, туку последица на хронична небезбедност и долготраен страв.
Силна реакција дојде и од соседка на семејството, која во јавна објава напиша: „150 стана не успеавме да те сочуваме од монструмот кој секојдневно те малтретираше и тепаше. Сите сме виновни во оваа приказна – и ние и институциите.“ Таа повика да не се обвинува мајката, оценувајќи дека трагедијата има конкретна причина и одговорност.

Со став се огласи и докторот Александар Митов, кој побара одговорност од сите кои, како што наведува, знаеле и биле должни да постапат. „Со лисици на рацете треба да ги видиме оние кои биле должни да реагираат, а не реагирале – вработени во центри за социјални работи, обвинители, полицајци“, напиша тој, повикувајќи на итни законски измени доколку се утврдат пропусти.
Во бројните коментари преовладува пораката дека трагедијата не смее да остане само уште една вест во низата, туку да биде повод за темелна анализа на институционалното постапување во случаи на пријавено семејно насилство. Граѓаните бараат одговорност, транспарентност и системски промени, со цел вакви настани да не се повторат.