Ова е програмата на годинешниот Струмички карневал

Една недела пред стартот на најпознатата и најмасовната манифестација, на која сите ние заедно сме посебно горди, затоа што е европска и светска, а вековно наша, споделуваме со јавноста дека сме подготвени за уште едно успешно издание на Струмичкиот карневал, истакна градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов на денешната прес - конференција.

Од наредната среда Струмица ги отвора портите за годинашните карневалски свечености. Тогаш градоначалникот ќе им го предаде клучот од градот на карневалистите, односно на Организациониот одбор.

-И годинава имаме солидна бројка на пријавени од 41 учесници, се разбира најголем дел се наши домашни учесници, а им се придружуваат и групни маски од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија и Грција и од повеќе градови во државата. И оваа година како гости ќе бидат присутни и претставници на FECC од неколку европски земји. Додадена вредност на годинашното издание е и вмрежувањето меѓу ученици од основни и средни училишта од различна етничка припадност при изработка на маските. Годинава се вклучени ученици од средното училиште „Моша Пијаде“ од Тетово, а заедничка маска подготвуваат и учениците од општинските основни училишта „Сандо Масев“ и „Маршал Тито“ од Струмица. Ова ни дава за право да бидеме убедени дека ќе имаме убава карневалска атмосфера, исполнета со прекрасни карневалски креации и со многу домашни и странски гости, рече Костадинов.

Претседателот на Организациониот одбор, Александар Цицимов, ја објави програмата за годинашните осумдневни карневалски празнувања. Според него, главен акцент се става на Традиционалниот маскнебал, на кој ќе има 350 учесници и на Интернационалната карневалска вечер.Не маскенбалот се бираат принцот и принцезата, кои заедно со кралот и неговата свита ќе ја предводат карневлската поворка на Главната карневалска вечер, која има и натпреварувачки каркатер.

-За жал годинава заради неможност да ги сместиме сите заинтересирани моравме да им откажеме гостопримство на десетина заинтересирани групи од странство, но дадовме предност на тие со кои повеќе години соработуваме и разменуваме карневалски групи. Проблемот околу сместувањето е во тоа што неколку хотели се затворени, а еден поголем се реновира и со тоа изгубивме околу 400 места во кои досега ги сместувавме гостите, рече Цицимов.

Додаде дека и покрај тоа поворката на Интернационалната вечер ќе биде импозантна и се очекува да трае над 3,5 часови.

Тој подвлече дека годинава е голем интересот за детскиот карневал, кој традиционално се одржува на празникот Прочка (недела) и годинава најмладите карневалисти ќе треба да се пријават за да учествуваат.

Годинашното издание почнува на 22 февруари, а завршува на 1 март.