Ова е најдобриот појадок кој ќе ви донесе добро расположение во текот на денот

Некои луѓе стануваат наутро со насмевка, но поголемиот дел од нас се поспани и ги мразат утрата.

Иако голем дел од нас сакаат да го започнат утрото со кафе, сепак постојат и одредени видови храна кои можат да ви го разубават утрото, а со тоа и самиот ден.

Црн леб со зрна

Црниот леб со цели зрна е одличен извор на Б витамини кои се важни за здравјето на нашиот мозок и кои му помагаат на телото да ги метаболизира јаглехидратите и да ни даде енергија. Б витамините наутро се одличен начин да се справиме со стресот кој доаѓа во текот на денот, да го подобриме нашето расположение и најдобро е кога тие се земаат преку исхраната, наместо суплементи.

Авокадо

Авокадото содржи фолна киселина чиј недостаток предизвикува депресија. Освен тоа, тоа е богато со антиоксиданти кои го подобруваат расположението и нè штитат од депресија.

Домати

Доматите се исто така богати со антиоксиданти, односно ликопен кој е познат како еден од најдобрите антиоксиданти за намалување на ризикот од депресија.

Малини и капини

Малините и капините се богати со природни влакна кои се одлични за одржување на нивоата на шеќер во крвта. Нестабилните нивоа на шеќер во крвта се поврзани со лошо расположение, па затоа малините и капините се одлични за почеток на денот, но и како ужинка подоцна во денот.

Јогурт

Одредени истражувања покажуваат дека пробиотиците како што е јогуртот се одлични за почеток на денот. Доколку не сте фанови на јогуртот, можете да го замените со комбуха или пробиотик во суплемент.

Овесни снегулки

Овесните снегулки се богати со влакна, што значи дека исто како и капините и малините, тие се одлични за регулација на шеќерот во крвта. Освен тоа, тие содржат и селен, кој е докажан како состојка која го подобрува нашето расположение.

Чиа

Чиата е богата со омега 3 масни киселини што придонесува за добро здравје на нашиот мозок и одлично расположение. Освен тоа, овие ситни семчиња се и одличен извор на магнезиум кој е минерал кој смирува и помага подобро да заспиеме во текот на ноќта.