Отворен нов пензионерски клуб во Капиштец

Во трговскиот центар Беверли Хилс, во Капиштец е отворен нов пензионерски клуб. Градоначалникот на Општина Центар беше во посета на пензионерите, при што им однесе шах, домино, карти и дама, како дополнителни активности за дружење и релаксација на пензионерите во Капиштец.

-Здружението на пензионери во Општина Центар со над 10.000 членови е едно од најбројните и најактивните здруженија на пензионери на ниво на државата. Токму затоа е важно постојано да воведуваме нови активности и поинтензивни соработки. Со пензионерите овде во Капиштец имав одлично дружење, разговаравме за потребите и новите активности кои ја зацврстуваат социјализацијата меѓу нив. Важно е да се грижиме за нашите највозрасни граѓани, затоа што им го должиме тоа, истакнал Герасимовски.

Од Општина Центар информираат дека пензионерскиот клуб во Капиштец е првиот отворен од трите најавени во предизборната кампања. Следната година ќе бидат отворени нови два пензионерски клуба, едниот во Крњево, а другиот близу Универзална сала.

Во соработка со здружението „Хуманост“, Општината обезбедува бесплатна медицинска нега и административна помош преку проектот „Нега за стари лица во домашни услови“, проект кој пензионерите го оценуваат како најпотребен и најуспешен за нив.

Општина Центар веќе има пет функционални пензионерски клубови во урбаната заедница Мирче Ацев во Дебар Маало, друг во близина на Зеленото пазарче, уште еден во населбата Пролет кај Веро Џамбо, на улицата „Водњанска“ и во урбаната заедница „Мирче Ацев“, каде повозрасните можат да одмараат, да се дружат и рекреираат.