Отворен нов центар за обуки на даватели на социјални услуги при Црвениот Крст

Црвениот крст на Република Северна Македонија денеска отвори Едукативен тренинг центар за спроведување на обуки за возрасни за негуватели за помош и нега на стари лица и лица со попреченост, обуки за лични асистенти на лица со попреченост, обуки за палијативни негуватели за изнемоштени лица, како и обуки за асистенти за нега на лица од алцхајмерова болест.

– Доколу сакаме да се даваат квалитетни социјални услуги за старите и изнемоштените лица, но и за лицата со попреченост, тогаш мора да се ангажираат негуватели и лични асистенти кои ќе бидат квалификувани да ја испорачуваат услугата кон крајните корисници. Со зголемен број едуцирани кадри се зголемуваат можностите да се опфати поголем број граѓани кои ќе добиваат соодветна нега и помош во своите домови и во заедницата, рече на отворањето на Центарот генералниот секретар на Црвениот крст на РСМ Саит Саити.

Од друга страна, додаде тој, ќе се влијае и на можноста невработени лица да се стекнат со квалификација и да бидат поконкурентни на пазарот на труд, ќе се зголеми можност за вработување на ранливото население, а со испораката на квалитетни социјални услуги ќе се влијае на подобрување на здравјето и добросостојбата на граѓаните во заедницата.

Сузана Тунева Пауновска, генерален секретар на Црвениот крст на Град Скопје, појасни дека Црвениот крст во 2017 година го отворил првиот центар за овој вид обуки, но, како што рече, денеска отворениот центар има многу поголем капацитет се со цел да се задоволат потребите на заедницата.

– Досега имаме обучено повеќе од 160 негуватели, повеќе од 100 персонални асистенти, повеќе од 140 лица се дел од нашите секојдневни задачи, односно се наоѓаме во домовите на лицата кои имаат потреба од ваква грижа за да им излеземе во пресрет на нивните потреби, изјави таа

Тунева Пауновска истакна дека со новиот капацитет на овој центар очекуваат бројот на лица кои ќе бидат обучени за овој вид на нега во домот да се зголеми. Тоа, нагласува, значи дека ќе излезат во пресрет и на се поголем број корисници во заедницата.

– Во рамки на центарот работи професионален тим социјални работници, психолози, обучувачите се медицински лица, дефектолози и се она што е потребно за да дадеме пред сè обука која ќе ги исполнува високите критериуми. Тоа значи дека луѓето кои ќе бидат обучени ќе имаат лиценци кои навистина ќе ги задоволат сите критериуми за нега во домот, рече Тунева Пауновска.

На отворањето на центарот присуствуваше и министерката за образование и наука Мила Царовска.