Отстранети дивите тезги на влезот од Старата скопска чаршија - инспектори пред пет месеци, дадоа рок од пет дена за да бидат тргнати

Кон крајот на месец март, Скопје Инфо пренесе објава од граѓани кои реагираа дека и покрај насоките за отстранување на дивопоставените тезги дадени уште во месец ноември 2025 година, од инспекциските служби на Општина Центар, тие се уште не беа отстранети се до синоќа. 

Имено, во ноември месец 2025 година, инспекциските служби на Општина Центар спроведоа вонредни инспекциски надзори на плоштадот „Филип Втори“ и на влезот на Старата скопска чаршија, каде при контролата било утврдено постоење на повеќе диво поставени и заградени објекти. За истите биле донесени решенија за нивно отстранување, во рок од 5 дена, а во случај доколку сопствениците не ги отстранат објектите во наведениот рок, Општина Центар ќе пристапела кон нивно отстранување.

На социјалната мрежа „Х“ беше споделена објава, која алудира дека, не пет дена, туку поминалце речиси четири месеци од тогаш, но таквите диво поставени објекти се уште стојат.

„Герасимовски им даде рок од 1 недела да ги отстранат дивоградбиве што ги начукале пред влезот во Чаршија.. Таа недела помина пред околу 3 месеци...“, гласеше објавата на „Раскажувачот“.

Сепак, синоќа службите на Град Скопје и на Општина Центар ги отстраниле тезгите и импровизираните продажни објекти на влезот во Старата скопска чаршија, од страната на Камениот мост, пренесе „Слободен печат“.

Од Општина Центар потврдиле дека продажните објекти, кои биле поставени незаконски, а нивните сопственици немале никаков договор со Општината, биле отстранети синоќа. Во акцијата учествувале општинските служби заедно со службите на Градот Скопје.

„Екипи на Општина Центар заедно со Градот Скопје вчеравечер заеднички, согласно Меморандумот за меѓуопштинска соработка, ги отстранија импровизираните објекти на влезот на Старата скопска чаршија. Тоа беа објекти кои немаа никаков договор со Општина Центар и беа бесправно изградени- изјавиле од Општината за „Слободен печат“.

*Фото: Х/Раскажувачот и Слободен печат / Драган Митрески