Отстранети 80 кубни метри отпад од диви депонии од неколку скопски општини

Во текот на изминатото деноноќие, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија неколку диви депонии лоцирани во скопските општини Карпош, Ѓорче Петров, Центар и Чаир.

Како што информираат од претприајтието во општината Карпош е интервенирано на улиците Московска и Прашка, каде што се подигнати вкупно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад. Во општината Ѓорче Петров се подигнати 20 кубни метри кабаст отпад, одложен на тревна површина долж главната улица додека во општината Центар се расчистени приближно 15 кубни метри непрописно одложен мешан комунален отпад од улицата „Тодор Александров“, на потегот што води кон Средно Водно.

Од ЈП Комунална хигиена-Скопје посочија дека се реализирани активности и во скопската општина Чаир, каде што се подигнати вкупно 20 кубни метри отпад одложен на јавни и сообраќајни површини на улицата Цветан Димов, во непосредна близина на градинката Фидани и т.ц. Чаирчанка.