Отстранета обемна дива депонија во населба Серава во скопски Чаир

ЈП Комунална хигиена-Скопје инфомираше дека нивни екипи во текот на вчерашната ноќ отстраниле обемна дива депонија во скопската општина Чаир. Како што посочуваат од Комунална хигиена интервенирано е во населбата Серава каде се подигнати и транспортирани приближно 35 кубни метри мешан комунален, кабаст и градежен отпад одложени на јавна површина.

„ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на минатата година се соочи со зачестена појава на таканаречените „црни точки“ – локации каде што континуирано се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини. Од овие причини, Претпријатието воведе и интервентни патролни дежурства на Еко-патролата, којашто во периодот јануари-декември 2024 година изготви и врачи 334 едукативно-информативни записници за граѓани и правни субјекти што се затекнати при непрописно одлагање отпад“, се вели во соопштението.