Отсекогаш сум се плашела од празни години...

Откако знам за себе, секогаш сум се плашела од истите работи. Празни години. Откако знам за себе, во истите тие празни години, ме туркаа од сите страни. Околината, училиштето, телевизијата, луѓето. Затоа што така требало. Да се живее „според редот“. Да се живее според некаков шаблон.

Може да се каже дека тука на Балканот веќе се навикнавме на наметнатите шаблони. Верски, национални, политички и животни. Некаде се вклопуваме, некаде се издвојуваме, некаде ни е тесно, а некаде ни е премногу удобно. Се разбира дека удобноста никако ме доаѓа предвид, затоа што никако не се вклопува во шаблонот на жртвата. (Тој шаблон/синдром/научен начин на живот им е добро познат на сите.)

Што се случува кога едноставно не умееме да ги следиме модерните трендови? Кога не умееме да одговориме на дрското прашање на комшиката: „А ти уште не си се омажила? Па што чекаш?“

Не ми е јасно во кој момент стана нормално да му се навлекува на некој во фрижидерот, индексот и спалната соба?

Од една страна, тука животот е по мерка на околината. Училиште, факултет (ако баш мора), работа, свадба, дете (прво, второ и трето, особено ако првите две се женски), а потоа... потоа ништо. Тоа е тоа. Си живуркаш.

Од друга страна, тука е и животот каковшто го замислуваме. Оној живот во кој не е најважно на 25 годишен човек што не го познаваш баш најдобро да го праша кога ќе прави деца и да пиеш кафе со комшиката додека гледаш некоја синхронизирана серија. Тоа е истиот оној живот кој привлекува фини прашања на роднините и пријателите за свадба/деца/работа. Доколку попуштиш под притисокот, тогаш стануваш жртва. Шаблонот или те сомелува или те проголтува.

Оние коишто се сомелени се вовлекуваат во својата крлушка и кулаат: „Завршив факултет, нема работа по струка, немам пари за да се забавувам, а и онака никој не чини, а што да правам освен да гледам синхронизирани серии.“

Овие коишто се проголтани, го живејат животот според мерилата на околината: се венчаваат и тоа „среќно“. Со првите коишто ќе наидат. Прават деца, во недела идат во парк или кај родителите на ручек. Или уште подобра варијанта: живејат со родителите. Се жалат од тешката финансиска ситуација, од шефот, од жената/мажот и тоа воглавно на тој што ќе се најде тука најблиску до нив. Секогаш се фалат со децата, затоа што нели... се прават за децата. Ги носат на тенис, на англиски, на приватни часови по математика. Лажат дека не гледаат синхронизирани серии.

Тоа не е страшно. И тоа е за луѓе. Но, ако мене ме прашувате ништо од тоа не вреди.

Откако знам за себе, секогаш сум се плашела од истите работи. Празни години. Затоа и бегав од нив. Од празни разговори, празни луѓе и празни ветувања. Како од кафез да бегав. Може да се живее и поинаку. Без оглед на лошата телевизиска програма и беспарицата. Некогаш е потребно само да го направиш она што те прави среќен (среќна). За среќа и не се потребни некои големи пари. И тоа е една голема шарена лага која ни е наметната од околината.

За среќа е потребно да дишеш и да чекориш по својата патека. Непоплочена и ненаметната. Да им подариш смисла на своите години. Без граници.

Шаблоните се добри кога правиш колачи. И толку.

Заслади се со животот кој самиот си го замесил.

П.С Биди сигурен/сигурна дека нема да биде по вкусот на комшиката од карши