
Општина Илинден во рамки на активностите, денес започна со асфалтирање на улицата „111“ во месноста Јака, во населеното место Марино.
Станува збор за улица со вкупна должина од 550 метри и широчина на коловозот од 6 метри, со изградба на тротоар со широчина од 1,5 метри и отворен одводен канал долж целата улица за прифаќање и одведување на атмосферските води од коловозот.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид во асфалтирањето и истакна дека со реализација на овој проект ќе се комплетира мрежата на главни пристапни улици во месноста Јака, со што ќе се овозможат подобри услови за безбедно и непречено движење на возилата и пешаците, како и полесен пристап за жителите од овој дел на општината.
„Овој инфраструктурен проект е дел од континуираните напори на локалната самоуправа за модернизација и уредување на инфраструктурата во сите населени места, и истиот се реализира со средства од Владата на Република Македонија. Локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи со инвестиции во патната и комуналната инфраструктура, со цел обезбедување поквалитетни, побезбедни и посовремени услови за живот на сите граѓани“, посочија од Општина Илинден.