
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски утрово информираше дека започнале со реконструкција на вториот дел од улицата „Ленинова“, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во должина од над 600 метри.
„Во моментов се реализираат првата и втората фаза, а на делот до ул. „Наум Наумовски Борче“ воведен е привремен режим на сообраќај во наредните 30 дена. Сообраќајот се одвива по една коловозна лента, додека за време на асфалтирањето ќе има и целосни затворања со пренасочување по околните улици“, посочи Герасимовски во објавата на Фејсбук.

Додаде дека станарите ќе имаат пристап до своите домови, а ќе се пропуштаат и интервентни возила.
„Со оваа реконструкција воспоставуваме континуитет со првиот дел од „Ленинова“. Предвидено е уредување на коловозот, тротоарите и пешачките патеки, поставување велосипедска патека и обновување на зеленилото долж целиот потег. Создаваме поуредена, побезбедна и функционална улица за сите граѓани“, истакна градоначалникот.