Отпочната реконструкцијата на една од клучните сообраќајници во Мичурин – улицата „Симеон Кавракиров“

Започна реконструкцијата на една од клучните сообраќајници во Мичурин – улицата „Симеон Кавракиров“.

„На мое големо задоволство денеска заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, извршивме увид во стартот на градежните активности, означувајќи почеток на проект кој долго време беше неопходен и очекуван. Ова не е само реконструкција – ова е инвестиција во безбедноста, мобилноста и квалитетот на живот. Со должина од 485 метри, улицата претставува витална артерија низ која секојдневно се движат голем број граѓани“, истакна градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески во објавата на Фејсбук.

Проектот за „Симеон Кавракиров“ опфаќа: целосна обнова на коловозот, модерни и безбедни тротоари, нова асфалтна конструкција со 3.950 метри квадратни асфалт и 2.305 метри квадратни тротоари со бехатон.

Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 22 милиони и 630 илјади денари.

„Со оваа реконструкција, „Симеон Кавракиров“ добива нов, современ изглед и значително подобрена функционалност, што директно придонесува за побезбеден и поефикасен сообраќај. Реконструкцијата е во рамките на голем инфраструктурен зафат на Општина Аеродром“, посочува Митески.

Градоначалникот упати благодарност до Владата за поддршката и заедничката реализација на ваквите значајни проекти и воедно порача дека Општина Аеродром продолжува со силно темпо.