Освежувачка верзија: Карпачо од тиквички

Карпачо е италијански начин на подготовка на сирово месо или риба, но можете да ја примените истата техника и за оваа салата.

Се работи за тенко филетирање на телешко месо или риба, кое потоа се зачинува соодветно, отстојува одредено време и се послужува. 

Денеска ќе ви презентираме малку поинаква варијанта:

Три тиквички
Еден лимон
Капари
Нане и босилек
Сол и бибер
По желба кашкавал или сирење

(доколку сакате веганска верзија, изоставете ги млечните производи)

Подготовка:

Сечете тенки, речиси проѕирни ленти од тиквичките. Најдобро е да ја користите алатката за лупење компир и краставици. Користете го само месестиот дел, а средината во која има семки и е сунѓереста, не ја користете за оваа салата. 

Оставете ги во цедалка да се исцедат, а по потреба посолете малку за солта да ја извлече течноста. 

На дното на чинијата за сервирање ставете маслиново масло. Редете ги тиквичките врз него. Ставете сол и бибер меѓу редовите. Нането и босилекот исецкајте ги ситно и посипете врз нив. Додадете ги капарите, па прелијте со лимонов сок. По желба можете да ставите и неколку капки балсамико. 

Оставете да отстои во фрижидер и по желба сервирајте со сирење фета или кашкавал.