Освен најстроги казни, да се воведе и терапија за агресивните дадилки

Случајот со дадилката која го претепa двегодишното детенце во игротека во скопски Аеродром не треба да остане само на шокираност на јавноста, на кривична пријава, казна… Од ова мора да се извлече сериозна поука и да се размислува како да се делува во иднина за да не ни страдаат децата.

И пред неколку години имаше претепување на деветмесечно бебе кое заврши со изрекнувањето на 14-месечната затворска казна. Сега јавноста виде нова бруталност на една дадилка, по што е уште појасно какви ризици носи ангажирањето на лица за чување мали деца.

Пред четири години надлежните тргнаа во регулирањето на оваа сфера со воведување лиценци за дадилки. Ги добија главно оние кои работат во детски установи, но голем дел од оние кои ги ангажираат семејствата се уште немаат лиценци. Тоа „писулче“требаше да биде некаква гаранција дека лицето е подобно да чува деца. Но, од вчерашната реакција на Асоцијацијата на дадилките видовме дека и лиценците не се она што мислиме дека се.

Ваквата состојба, според Асоцијацијата, се должи на, како што се велат долгогодишната анархија во областа на згрижувањето и негата на деца и дека законот за заштита на деца е менуван неколку пати во изминативе две децении, но сѐ уште не дава применливо и соодветно решение, особено во домашното згрижување на деца.

Е зошто е така? Е нели секоја власт се бие во гради дека прави се за доброто на децата? Но, очигледно, се уште постои голема празнина, недорочености и ризици кога е во прашање ангажирањето на дадилките. Државата мора што побрзо да си ги отклони недостатоците во регулацијата, да има поголем увид во тоа кој се чува деца, а дотогаш мора да внимаваат и самите семејства: кому му ги доверуваат своите деца на чување!

СкопскоЕхо