Основните прехранбени производи нема да поскапуваат до крајот на годината

Владината одлука за ограничување на маржите на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо, што истекува на 30-ти месецов, ќе биде продолжена до крајот на годината, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Веќе се прави анализа во Секторот за трговија во Министерството, за нивниот ефект и потребата од редизајнирање, додаде Бектеши.

-Веќе донесовме одлука како Влада да се ослободи увозот на сурово млеко од Турција и од други држави каде што има поголеми капацитети за увоз на сурово млеко што се преработува во нашата држава и после се продава како финален производ. Тие мерки коишто имаат рок до крајот на септември ќе бидат продолжени до крајот на годината од страна на Министерството за економија во делот на одредување на маржи. Веќе се прави анализа во Секторот за трговија какво влијание имале мерките и дали треба нивно редизајнирање. Ќе разговараме дополнително во текот на оваа и наредната недела со Стопанската комора за нивни дополнителни барања и можностите со кои ние располагаме во моментов и можеме да излеземе во пресрет, рече Бектеши.

Владата на 14 јуни донесе Одлука за замрзнување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо со важност до 30-ти месецов. Според одлуката маржата за бел леб, шеќер и сончогледово масло е пет отсто во трговијата на големо и на мало, а за јајца, брашно, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз и млеко 10 отсто