Основците од „Аврам Писевски“ формираа еколошки клуб

Од Општина Карпош денеска информираа дека со цел унапредување на еколошкото образование преку практично учење, во рамки на основното училиште „Аврам Писевски“ бил реализиран Проектот „Зелено образование за еколошки свесни генерации“. Оваа иницијатива, како што велат од Општината, била поттикната од потребата за зголемување на еколошката свест кај учениците, како и подобрување на условите за современо образование за заштита на животната средина.

„Во таа насока беше воспоставена соработка помеѓу училиштето, наставниците, родителите и локалната заедница. Притоа е формиран и Еко-клуб во чиј состав активно учествуваат ученици кои се вклучени во едукативни и практични активности поврзани со екологијата. Во тој поглед беа организирани работилници на кои се говореше за значењето на биодиверзитетот, одржливите практики и грижата за растенијата“, посочија од Општина Карпош во објавата на социјалните мрежи.

Во училишниот двор била изработена и метална конструкција со плексиглас, како основа за идната ботаничка градина која ќе им послужи на основците од Бардовци.

Со тоа, како што објаснија од Општина Карпош, создаден бил простор за искуствено учење и практична настава на отворено.