Османи: Со „францускиот предлог“ ја извлековме државата од балканскиот вртлог

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на прес-конференција даде отчет за сработеното во двегодишниот мандат како министер, при што се осврна на петте приоритети во неговата мандатна мисија, почнувајќи со Бугарија како најголем предизвик.

– Ако се сеќавате на мојата прва средба како министер за надворешни работи кога ги презентирав приоритетите на мојот мандат, издвоив пет приоритети како основни цели што сакаме да ги постигнеме во овој мандат во надворешната политика. Тоа се добрососедските односи, Европската Унија, партнерството со САД, мултилатералната активност и економската дипломатија, рече Османи.

Тој посочи дека во текот на овие две години, преку бројни активности, комуникации, преговори, разговори, билатерални и меѓународни, успеале да постигнат неколку клучни резултати што се особено важни за утврдување на една динамика на односите со Бугарија.

– Тоа што сметам дека е најважно е дојдовме до ситуација, Владата на Бугарија да ја поништи озлогласената рамковна позиција на Бугарија по однос на европските перспективи, што беше озлогласена не само по однос на тонот и навредливоста, туку имаше и одредени цели односно навреди во тој процес, додаде Османи.

Шефот на дипломатијата посочи и дека во тој процес имало и одредени цели, а тоа е македонскиот јазик во ниту една ситуација да не биде дел од Преговарачката рамка.

– После две и пол години блокада се одржа втората меѓувладина седница што е обврска што произлегува од Договорот за добрососедство со Бугарија и да го потпишеме записникот од таа средба што популарно се нарекува Протокол. Тоа заживување го овозможи францускиот предлог, што беше основа за почеток на преговори за Република Северна Македонија со Европската Унија, вели Османи.

Тој појасни дека францускиот предлог претставува надградување на претходните три предлози и обиди на претседателства и решение прифатливо за двете страни.

– Знам дека јавноста сè уште е поделена, а убеден сум дека направивме добра и стратешка одлука за којашто времето ќе покаже дека тоа било така и успеавме во последен момент да ја извлечеме државата од балканскиот вртлог и да ја лансираме во еден неповратен пат на европеизација и стабилизација, но и зголемување на стандардот за граѓаните, додаде тој.

Османи посочи дека трите клучни елементи што успеале да ги постигнат се преговарачката рамка, усвоена од 27 земји-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, во која македонскиот јазик е без додавки и фусноти, со што се заокружува прашањето на меѓународното етаблирање, како што сакаа граѓаните.

– Второто постигнување, се разбира е одржување на процесот чист, односно не внесување на историските прашања во одредници за пристап до процесот, имајќи ги предвид токму бугарските барања, да има посебно поглавје, односно да бидат исклучени од патоказите и историските прашања не се дел од преговарачкиот процес, појасни тој.

Во однос на третиот елемент, министерот за надворешни работи посочи дека е безусловната прва меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.

– После 6361 ден поминати со кандидатски статус, Република Северна Македонија ги започна преговорите со ЕУ. Скринингот како еден од најсуштинските елементи на преговорите ќе започне за две недели. Република Бугарија доби условена втора меѓувладина конференција пред отворање на поглавјето 23, со уставните измени за внесување на малцинствата во преамбулата и доби акциски план за малцински права во рамки на патоказите, додаде шефот на дипломатијата.

За односот со другите соседни земји, Османи истакна дека и покрај одличните односи си Грција, тие се продлабочиле и се интензивирала соработката. Нагласи дека се работи на отворање на два нови гранични премини, а исто така државата влегува во терминалот на природен гас, со цел да не зависи само од рускиот гас.

Со Србија, тој вели дека е решено историското прашање со црквата, додека со Албанија заеднички беа почнати преговорите со ЕУ. Со Косово беше одржана меѓувладина седница на која биле потпишани 11 меѓудржавни договори, а работат и на конкретни активности.

– Третиот приоритет беше односите со САД. Тука мислам дека не треба да кажам нешто многу. На 2 јуни на средба со Блинкен, Северна Македонија прва во регионот отвори стратешки дијалог со САД, што е и признание на постигнувањето, односно правецот што го има државата, вели Османи.

Како четврт приоритет тој го посочи претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ, што треба да започне од 1 јануари 2023 година до 31 декември 2023 година.

Во однос на економската дипломатија, тој истакна дека МНР уште на почетокот на неговиот мандат одлучи дека ќе даде акцент на улогата на надворешната политика со што ќе се привлечат странски инвестиции. Информираше дека е започнат пилот-проект со четири економски промотори, кои имаат остварено над 1000 средби оваа година, донесено бројни компании и дел од нив решиле да инвестираат.

Прашан кој е неговиот најголем неуспех во текот на неговиот мандат, Османи истакна дека кога се прави процена на успеси, се прават врз основа на очекувањата.

– Тоа што сте си го поставиле како параметар, затоа се обидов мојот извештај да биде согласно некои индикатори и реков на почетокот на мандатот имам остварено пет приоритети. За сите нив мислам дека се направени чекори и постигнувања коишто ги надминале дури и нашите првични амбиции, заклучи тој.