Османи: МНР има недостиг на кадар кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатија

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за непотизам при вработувањата во МНР, а во последниот случај според партијата станува збор за сопругата на пратеникот Мартин Костовски, вели дека Министерството има недостиг од кадар.

-Нема ништо незаконито во вработувањето. Министерството има недостиг на кадар кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатија. Нововработените започнуваат со минимална плата и треба години за да напредуваат во кариерата. Тоа е тешка професија, тие се некој вид номади кои цел живот го поминуваат на различни места. Госпоѓата Костовска е преземена од Куманово и сега е на пониска позиција одошто била претходно, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во Студио 10 на ТВ 24.

Османи кажа дека Костовска е на постдипломски студии по меѓународна политика во Прага и во нејзиниот случај не станува збор за трговија со влијание. Тој додава дека таа професија бара време за напредување и со оглед дека и критериумите се тешки нема голем интерес за вработување во МНР.

Османи вели дека во моментов има оглас за вработување на 16 нови луѓе.

Случај кој ја разбранува јавноста е случајот на презентерката Бесмира Ејупи за која се велеше дека се подготвува за конзул, а сега е вработена во МНР, додека во меѓувреме од различни државни институции земала хонорари од 12 илјади евра, за што вреќе е покрената истрага.

– МНР има потреба од 50 вработувања, но сега Министерството за финансии одобри 16. Секој млад човек кој знае јазици и сака да се посвети да конкурира. Ејупи е преземена од Министерството за политички систем, како што по закон се преземаат и други службеници, вели Османи за Студио 10.

За Ејупи вели дека знае јазици и имала безбедносен сертификат од највисок ранг како член на службата на протокол во претходното Министерство.

Османи додава дека треба да се праша и ВМРО-ДПМНЕ за хонорарите на Ејупи бидејќи нивни градоначалник ја ангажирал.