Османи: Кој ќе стигне до 61 пратеник, тој ќе формира Влада

Членот на потесното раководство на ДУИ и актуелен вицепремиер за европски прашања, Бујар Османи, во интервју за емисијата „Топ тема“ на Телма изјави дека, според Уставот, мандатот не го добива оној што освои најмногу гласови на изборите, туку тој што ќе обезбеди 61 пратеник.

„Ирелевантно е кој колку пратеници има, системот препознава мнозинство и мандатот го добива оној што ќе обезбеди 61 пратеник“, вели Османи.

Според него, влезен билет за преговори за составување Влада во која би партиципирала ДУИ е почитување на трите договори – Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.

„Ако е тоа во ред, тогаш може да преминеме на преговори за програмата и за практични прашања, во смисла на поделба на одговорноста. Тоа не значи дека го исклучуваме ВМРО-ДПМНЕ, но тие самите нека кажат. За нас нема дебата за други прашања ако нема јавна изјава како гаранција за почитување на договорите“, дециден е Османи.

Тој укажува дека ДУИ е конзистентна во однос на желбата за иден партнер во владата.

„Ние и пред изборите рековме дека сакаме да продолжиме со СДСМ да ги решаваме горливите прашања. Тоа го рековме пред изборите и пред да се знаат резултатите. Тоа што го зборуваше Заев во однос на ДУИ не беше добро, особено што се работи за партнери. Веројатно тој што му ја наметнал таа реторика ќе понесе одговорност, но сепак стануваше збор за кампања. Тогаш сме сите погласни за да ги придобиеме граѓаните. Таа заврши, граѓаните се изјаснија, резултатите се тука. Сега треба да се концентрираме на иднината. Нашиот пристап ќе биде што поскоро да се формира Влада поради пандемијата, социо-економските последици и за подготовка на првата меѓувладина конференција со ЕУ“, вели Османи.

Сепак, како што појаснува Османи, ДУИ останува на својата позиција околу тоа кој треба да биде премиер, иако како што вели, тоа би било само „на почеток“, додека спласнат тензиите меѓу двете поларизирани македонски страни.

„Јас мислам дека ќе седнеме во најдемократски процес да ги понудиме аргументите. Прво, имаме најдобар кандидат, подобар од сите други. И по искуство и по професионалност и по други предности. Второ, аритметиката е на наша страна. Трето, симболиката на ова решение е исто така голем аргумент. Потоа, прагматичноста, особено во една влада за преговори со ЕУ, а таква ќе биде оваа влада, која нема да има типична политичка агенда, туку ќе биде само за преговори. И најважно ќе биде да се постигне консензус меѓу власта и опозицијата за преговарачките позиции во Собранието и во Владата, а ние мислиме дека една неутрална фигура, една апартиска фигура, особено на почетокот, додека не спласнат страстите кои се подигнаа во текот на кампањата, може да биде одличен мост кој ќе создаде една целина. ‘На почеток’ значи се додека не спласнат тие тензии меѓу двете поларизирани страни, еден таков брокер меѓу двете страни може да создаде идеална платформа за преговарачкиот процес“, додава тој.

Но, Османи остава тие прашања да се решаваат низ преговорите. За него не е уцена нивното барање премиер во идната влада да биде Албанец.

„Само ако ние инсистираме на нашиот кандидат е уцена, а кога тоа го прават другите, тоа не е уцена. Тие веројатно ќе излезат со нивните кандидати и во согласност со аргументи кои ќе ги презентираме, ќе видиме за што ќе се договориме на преговарачката маса. Ова е понуда за уривање на етноцентризмот, бидејќи досега да се биде Албанец беше критериум за исклучување за 12 позиции во државата, детектирани во 2009 година, од претседател до гувернер. Ваква хистерија имаше кога понудивме кандидат за министер за одбрана, но ние мислевме дека тоа е растоварување на институциите од етнички монопол. Кога еднаш во таа институција ќе седне човек од друга националност, станува ирелевантно кој е. Како што сега никој не го засега кој ќе биде министер за одбрана, бидејќи еднаш бил Албанец. Слична беше и хистеријата за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието, а се покажа дека е додадена вредност, бидејќи тој беше мост за двете поларизирани македонски страни во критични услови за државата и за ослободување на Собранието. Денеска никој не зборува кој ќе биде следниот спикер на Собранието, дали ќе биде Македонец или Албанец, завршена е таа приказна, го нема веќе тој стереотип дека претседател на Собрание не може да биде Албанец. Во моментот, само Владата е оставена со тој стереотип кој предизвикува гниење на самата институција, наместо таа да се ослободи и да се растовари од него“, вели Османи.