Оружен грабеж пред Халк банка во Сарај, одземени околу 35 илјади евра

Tри маскирани лица денеска во околу 11 часот пред експозитурата на Халк банка во скопската населба Сарај нападнале жител на Крушопек, при што од него одзеле торба во која имало околу два милиона денари, објави „360 степени“.

Како што дознава „360 степени“, двајца од напаѓачите биле вооружени со автоматски пушки, а нападот бил извршен кога жителот на Крушопек се паркирал со возилото пред банката. Тој планирал парите, кои потекнувале од промет од фирма со седиште во Сарај, да ги уплати во банката.

По нападот, напаѓачите кои носеле „фантомки“ избегале со возило со непознати регистарски броеви и се упатиле кон Матка. Полицијата трага по нив.