Општините Охрид и Дебрца идните градоначалници ќе ги добијат во вториот круг од Локалните избори

Целосните непотврдени резултати на ДИК покажуваат дека на вчера одржаните Локални избори во Охрид на гласање излегле 29 629 граѓани или 56,46 отсто од вкупниот број гласачи од избирачкиот список.

Од нив неважечки се 1412 гласа, додека од регуларните Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ добил 14.380, Константин Георгиески 12.460, а Гоце Цветковски 1.376 гласа. Тоа значи дека Охрид следниот градоначалник ќе го добие на вториот круг од изборите предвиден за две седмици.

Што се однесува за распоредот на силите во новиот Совет на општината, според освоените гласови ВМРО-ДПМНЕ ќе има десет, СДСМ осум, ДУИ две и по едно советничко место партијата Левица и групите избирачи „Охрид, пред се“ и „Охрид има план Б“.

Во Општина Дебрца, исто така, не е избран градоначалник. Во вториот круг ќе одат независниот кандидат Зоран Ногачески со освоени 1.053 гласа и кандидатот на Коалицијата предводена од СДСМ, Игор Крцоски со освоени 979 гласа. Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Силјаноски, на изборите ја доби поддршката од 734 граѓани.

Според освоените гласови Советот на Општина Дебрца ќе биде составен од по четири претставници на коалициите предводени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, еден советник од коалицијата ДОМ-ЛДП, како и по еден советник од избирачките групи Димче Андрески и Александар Николоски.

Инаку, се работи за конечни, но непотврдени резултати сооглед дека течат жалбените рокови.