Општина Кисела Вода со по 10.000 денари ќе ги субвенционира матурантите да дојдат до возачка дозвола

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска денеска сподели дека и оваа година Општината ќе застане зад матуранти, за да им овозможи полесно да стигнат до возачка дозвола.

„Преку нашиот проект за финансиска поддршка кој континуирано го реализираме, покриваме дел од трошоците за теоретска и практична обука за возачка дозвола од Б категорија. Секој одобрен апликант од генерацијата 2026 година ќе добие субвенција од 10.000 денари! За оваа намена, обезбедивме вкупен буџет од 1.500.000 денари. Со овој проект сакаме директно да им помогнеме на матурантите во нивното осамостојување. Верувам дека со овие 10.000 денари значително ќе го олесниме и семејниот буџет на нивните родители“, истакна Стаменкоска Трајкоска.

Право на користење на оваа финансиска помош имаат сите жители на општина Кисела Вода кои во моментов ја следат последната година од средното образование и се матуранти во 2026 година. Главен услов е процесот на уплата и следење на обуката во некоја од лиценцираните авто-школи да е започнат заклучно од 1 јануари 2026 година.

„Ги повикувам сите матуранти кои ги исполнуваат условите да аплицираат што побрзо! Доделувањето ќе се одвива по принципот „прв дојден - прв услужен“, сè до исцрпување на вкупните средства“, посочи градоначалничката.

Целосната документација се поднесува во затворен плик преку општинската архива, која прецизно ќе го евидентира времето на прием.

Сета дополнителна потребна документација и информации поврзани со јавниот повик се достапни на нашата веб-страница на следниот линк: https://opstinakiselavoda.gov.mk/%d0%be%d0%b1%d1%98%d0.../

За евентуални дополнителни прашања, можете да се обратите и на телефонскиот број: 02 2785-427.