Општина Кисела Вода денес ја промовираше апликацијата „City and me” и со тоа стана првата општина во Македонија која ја имплементира оваа паметна, еколошка и граѓански ориентирана платформа.
„Преку „City and Me“, секој жител на Кисела Вода кој ќе избере да пешачи, да вози велосипед, да рециклира, да пријави проблем или да гласа за решение за локален проблем, ќе може да добие симболична, но многу значајна награда – токен. Тој може да се искористи за билет во кино, дрвце кое ќе го носи неговото име, кафе со пријател, или друга услуга во нашите локални деловни објекти кои се приклучија како партнери во оваа платформа. Граѓаните преку апликацијата „City and Me“ ќе можат да учествуваат во локално одлучување – преку анкети и дигитални гласања, да пријавуваат проблеми и предлози, со што комуникацијата со институциите станува директна и ефикасна - да бидат дел од дигитална платформа каде мали добри дела се наградуваат и препознаваат“, кажа градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека зад оваа идеја стои едноставна, но моќна порака – дека секој мал чекор, секое мало дело, може да создаде голема разлика.
„Денес, сите заедно ја потпишуваме и Декларацијата за зелени промени, со која се обврзуваме дека ќе ја штитиме животната средина и ќе ги поттикнуваме граѓаните да учествуваат во зелени практики, ќе соработуваме отворено – институции, компании и граѓани – за поодржливо и почисто урбано живеење, ќе создадеме мрежа на Зелени херои кои преку оваа платформа ќе ја менуваат реалноста – чекор по чекор.Сакам искрено да им се заблагодарам на тимот на City and Me за визијата и вложениот труд, како и до нашиот вреден партнер – Startup Macedonia, организација која веќе години наназад го гради еден силен екосистем на иновации, младински идеи и претприемништво. Да кажам благодарам на сите општествено одговорни компании што се приклучија на оваа иницијатива, и најмногу – на сите, граѓани кои ќе одлучат да ја инсталираат апликацијата и да станат Зелени херои на Кисела Вода“, посочи Ѓорѓиевски.