
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска денеска информираше дека ги потпишале договорите со спортските клубови од општината, со што биле поставени условите за непречено одвивање на спортските активности во претстојната сезона.
Договорите ги опфаќаат термините за тренинзи, организацијата и одржувањето на натпреварите во текот на викендите, како и користењето и одржувањето на спортските сали на Општина Кисела Вода.
Општина Кисела Вода ја продолжува соработката со РК „Спартак“, ЖРК „Вардар“, ЖРК „Атлетик“, РК „Вардар“, РК „Драчево“, КК „Ангели“, ЖКК „Бадел“, ОК „Фламинго“, ОК „Јанта Волеј“ и КК „Младинец“.
„За нас е важно секој спортски клуб да има соодветни услови за работа, а спортистите да можат непречено да тренираат и да ги одржуваат своите натпревари. Затоа, заедно со клубовите ги усогласуваме потребите и распоредот уште пред почетокот на сезоната. Спортските сали се места каде што се создаваат нови генерации спортисти, се градат тимскиот дух и дисциплината, но и се пишуваат нови спортски приказни. Со заедничка работа со клубовите создаваме подобри услови за тренинг, повеќе можности за младите и нови спортски успеси на Кисела Вода“, порача градоначалничката.