Општина Кисела Вода го одбележа своето 62 годишно постоење

Со низа настани Општина Кисела Вода го одбележа своето 62 годишно постоење.

Случувања по повод роденденот на најстарата скопска општина отпочнаа со нејзините најмлади жители, новороденчиња, чии родители добија ваучери во вредност од 6000 денари.

Во рамки на одбележувањето на празничниот ден на локалната самоуправа, традиционално награди добија и најталентираните основци од училиштата на територија на општина Кисела Вода.

Во рамките на проектот "Општината ги стипендира најдобрите", талентираните и надарени ученици од основните училишта на оваа територија, кои во текот на учебната 2016/2017 година освоија награди на натпреварувањата од областа на науката, спортот, културата и уметноста, од општина Кисела Вода добија награди, кои како што беше истакнато, освен што значат признание, треба да бидат поттик за нивната понатамошна работа и подигнувањето на квалитетот на образовната средина за учениците.

Во 11 часот, Советот на Општина Кисела Вода, одржа свечена седница на која Претседателот на Советот, пред актуелните и поранешните советници и гостите и пријателите на општината, потсети на историјатот на Кисела Вода и се осврна на проектите кои се реализираа во изминатиот период.

Целодневното одбележување на 62-риот роденден на Општина Кисела Вода беше заокружено со коријада во паркот Шопен, во организација на општината и Здружението на пензионери од општина Кисела Вода која беше збогатена со културно - уметничка програма, со многу песни и ора изведени од пензионерите фолклористи.