Општина Карпош ќе потроши 4 илјади евра за проценка на успешноста на својата работа

Општината Карпош ќе потроши 4 илјади евра за консултантски услуги за оцена на успешноста на реализацијата на програмските активности. Ова го предвидува договорот склучен со Друштвото за менаџмент и консултантски активности „Рејтинг СП-М Дооел“ од Скопје. Договорот е склучен на крајот на минатата година, а извршителот има обврска да ги изврши услугите во рок од 14 денови. 

Од Движењето за социјална правда Ленка на својот фејсбук профил објавија дека агенцијата Рејтинг, која е основана од поранешниот министер и генерален секретар на СДСМ – Ѓорѓи Спасов, од почетокот на март по различни основи наплатила 93000 евра буџетски пари. Актуелен директор на фирмата е неговиот син, Никола Спасов. За делењето тендери на оваа агенција претходно реагираа и од политичката партија Левица по повод тендерите склучени од општина Карпош во износ од 815.380 денари.

Од општината Карпош пак велат дека нема ништо скандалозно и сомнително во договорите за консултантски услуги за оценка на успешноста на реализацијата на програмските активности на Општина Карпош склучени со агенцијата „Рејтинг“.

Имено, локалната самоуправа распиша јавна набавка, која може целосно да се следи преку Електронскиот систем за јавни набавки, а на истата да учествуваат сите заинтересирани страни. Секоја сериозна институција, организација има потреба од теренски истражувања на јавното мислење. Општина Карпош ја има потребата од спроведување на вакви анкети за да се обезбеди и рационализација на средства и насочување на буџетските пари кон решавање на вистинските проблеми на граѓаните. Затоа овие анкети се спроведуваат пред носењето на Буџетот. Резултатите од анкетите, најголемите проблеми и потреби на карпошани се интегрираат во буџетските програми на секторите на Општината, со што се зголемува и граѓанското учество во креирање на локалниот буџет, додаваат од општината.