Општина Карпош во сабота, со пригодна атмосфера одбележа 48 години од формирање на локалната самоуправа, во Драмскиот театар – Скопје.
Свеченоста започна со интонирање на македонската национална химна во изведба на училишниот хор од ООУ „Димо Хаџи Димов“, а веднаш потоа беше проектирана промотивна видео репортажа за општина Карпош. По неа следуваше видео прилогот со инженерот - архитект Петар Николовски, кој во своето кусо обраќање од стручен аспект го образложи своето гледиште, како општина Карпош низ годините стана пионер во имплементација на енергетски ефикасни објекти.
Во рамки на манифестацијата пред присутните се обрати и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој меѓу другото говореше за приоритетите на локалната самоуправа, како и за долгорочната стратегијата за плански развој на општината.
- Овие речиси пет децении, Карпош не ги помина во летаргија, окупиран со секојдневните обврски, туку напротив, за овие години нашата општина доживеа невидена трансформација и развој. Разбирлива е и можеби преголемата грижа на поединци, Карпош да не се претвори во урбана џунгла борејќи се првенствено тој да оди во чекор со урбаниот развој, но да го зачува зеленилото, парковите, да ги зачува рекреативните зони, а пред се Градскиот парк, кејот на Вардар и планината Водно. Затоа, имам чувство дека сите ние, од вработени до функционери, градејќи го тој сервис кон граѓаните и водејќи секојдневна битка за задоволување на нивните секојдневни потреби не ни претставува обврска, туку чест и задоволство, истакна Јакимовски.
Во своето обраќање пред присутните тој посочи дека локалната самоуправа досега има инвестирано во крупни инфраструктурни проекти, во образованието, културата и спортот, детската и социјална заштита, во современ функционален систем за ново штедливо улично осветлување, како и во поставување на нова комунална мрежа и овозможување на подобри станбени услови за своите жители.
- Тоа што немаме секаде урбанистички планови ни претставува сериозен проблем. Во спротивно би подготвиле проекти и за катна гаража во Карпош 1 и 2, би изработиле проект за градинка во Нерези и слично. Искрено очекувам и се надевам дека овие состојби ќе ги надминеме во наредната 2025 година и со завршување на улиците и изградбата на канализациона мрежа, особено во урбаната заедница Бардовци, како и зголемување на капацитетот на градинките во општина Карпош, ние ќе создадеме услови за нормално функционирање во наредните петнаесетина години – беше дециден Јакимовски.
Првиот човек на општината резимираше дека актуелната администрација и понатаму ќе остане верен сервис на своите граѓани и дека ќе практикува поефикасен пристап за решавање на нивните проблеми.
- Ете такви сме ние карпошани, посветени на решавање на проблемите на нашите сограѓани се трудиме да ги корегираме грешките од минатото и да не креираме нови. И она што е најважно, имаме визија за развој на нашиот Карпош. Тоа им го должиме на поранешните градоначалници Ристо Поповски, Јован Цубалевски, Киро Алексовски, Митко Велков, Војче Кушевски, Владо Станковски, Сашо Кузмановски, Андреј Петров, Сашо Димиќ, Стефан Богоев, но и на идните генерации. Да живее Карпош – додаде Јакимовски.
По повод 48 годишнината од своето основање, локалната самоуправа ги прогласи за свои заслужни граѓани, проф. д-р Васил Тупурковски и драматургот Братислав Димитров - Бато. Во оваа пригода, првиот човек на Општината му ја врачи плакетата на професорот Тупурковски за неговиот извонредно голем придонес во политиката и за афирмација на македонскиот спорт. Признание добива и реномираниот македонски драматург Братислав Димитров – Бато, за извонредно големиот придонес во полето на културата и уметноста.
Со одлука на Советот на Општина Карпош, градоначалникот Јакимовски му додели пофалница и парична награда од 60.000 денари на полицискиот службеник Ангел Цветановски од полициската станица Карпош. Цветановски ги доби признанието и наградата за неговиот голем придонес во непреченото обезбедување на јавниот ред и мир, заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните, спречување на вршење криминални дела и прекршоци, а особено поради неговиот стручен, принципиелен и професионален однос кон работните обврски.
За својот 48-ми роденден општина Карпош го награди со пофалница и со парична награда од 40.000 денари осмоодделенецот Дарјан Мирчевски, за неговото неодамнешено извонредно достигнување, освојувајќи го златниот медал на Меѓународната математичка олимпијада „Коперникус“, која се одржа во јули годинава на престижниот Универзитет Колумбија, во Њујорк (САД). Пофалница и парична награда во висина од 20.000 денари доби и неговата наставничка – ментор, Драгана Петковска Ефремовски, која го подготвуваше и го насочи младиот Дарјан кон неговиот голем успех.
Завршниот дел од свечената манифестација им припадна на учениците од Карпош, поточно на основците од „Аврам Писевски“ кои со одличниот настап на театарската бина ја изведоа познатата музичка нумера од незаборавната Есма Реџепова, - „Чаје Шукарије“. Инаку, со овој хит младите бардовчани пред неколку дена ги освоија срцата на публиката и на стручното жири кое им го додели првото место во рамки на јубилејната десетта манифестација „Карпош има талент“. По нив настапија шестоодделенките Каја Мирчевски и Миа Митаноска од ООУ „Владо Тасевски“ со прекрасна танцова точка, а манифестацијата ја затворија основците од „Димо Хаџи Димов“ кои се претставија со песната „Љубена“ од легендарниот Тоше Проески, како и со изведба на рецитал – извадок од поетската творба „Сеќавање“ од Петре М. Андреевски.
По завршување на централната манифестација, во фоајето на Драмскиот театар се одржа ретроспективна изложба на фотографии и уметнички слики, по повод 15 години континуирана поддршка на Општина Карпош, во насока на негување на културно – уметничките вредности. Имено, изминативе 15 години локалната самоуправа има организирано бројни изложби, домашни и меѓународни ликовни колонии, акварелни симпозиуми и настани од областа на културата. Оттука, Општина Карпош се наметнува како непосреден поттикнувач на уметничкото творештво и трајните културни вредности. На тие настани кои повеќе од една деценија ги организира Општината, учествуваа еминентни академски сликари од Македонија и од странство кои ги оставија своите ликовни дела во трајно наследство на локалната самоуправа, која ги чува овие уметнички творби во своето депо.