Општина Карпош дел од проект за намалување на енергетската сиромаштија во станбените згради

Општина Карпош во соработка со Хабитат Македонија го обележаа Светскиот ден на домувањето со отворен едукативени информативен настан кој се одржа на 03 октомври 2022 година, информираат од Општината.

На настанот беа прикажани можностите за унапредување на енергетската ефикасност во станбените згради, преку преземање на мерки за реновирање на одделните делови на зградата, поставување изолација, достапни модели за финансирање, како и мерки за промена на однесувањето за поефикасно користење на енергијата. Беа посочени примерите на четири високо катници во Општина Карпош, изградени во период меѓу 1965 и 1980 година.

-Темата на овогодинешниот Светски ден на домувањето е „Внимавајте на разликите. Не оставајте никого и ниту едно место да заостане.“ притоа истакнувајќи ја потребата од унапредување на енергетската ефикасност и намалување на растечката енергетска сиромаштија како резултат на енергетската криза. Темата целосно ги отсликува заложбите на Општина Карпош за унапредување на енергетската ефикасност и надминување на проблемите со енергетскат сиромаштија.

Општина Карпош континуирано спроведува активности за подобрување на енергетската ефикасност на јавни и резиденцијални објекти, информирање на граѓаните и намалување на губитокот на енергијата преку енергетска реконструкција на фасадите, промена на надворешните прозорци и врати, санација на покривите, како и промоција и употреба на обновливи извори на енергија - се вели во соопштението на Општината. 

Инаку неодамна, Општината го промовираше и Ресурсниот центар за енергетска ефикасност и директна комуникација со граѓаните поддржан од Хабитат Македонија во рамки на проектот „ComAct – Активности за намалување на енергетската сиромаштија во станбени згради“, финансиран во рамки на програмата на Европската Комисија Хоризонт 2020.

И овој настан е дел од самиот проектот.