
Општина Илинден информира дека продолжува со континуирани вложувања во унапредување на комуналната инфраструктура и модернизација на механизацијата на јавните комунални претпријатија, со цел обезбедување поквалитетни и поефикасни услуги за граѓаните. Во таа насока, за потребите на ЈКП „Илинден“ набавена е нова градежна машина за извршување на повеќе комунални активности.
„Со новата механизација значително ќе се подобри квалитетот и ефикасноста при уредување на јавни површини, мулчирање, одржување на каналската мрежа и патните правци, како и при утовар на отпад од претоварните станици, утовар на отпад од еко острови и расчистување на растителен отпад од времени одлагалишта“, посочија од Општина Илинден.
Станува збор за втора ваква машина во сопственост на ЈКП „Илинден“, при што првата беше набавена во 2023 година.

Увид на новата градежна машина изврши градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој истакна дека со секоја инвестиција во механизација и опрема, локалната самоуправа директно вложува во поквалитетни услуги за граѓаните и поефикасно функционирање на комуналните претпријатија.
Од Општина Илинден порачаа дека и во наредниот период ќе продолжат со вложувања во комуналната инфраструктура и техничката опременост на ЈКП „Илинден“ и ЈКП „Водовод“, со цел обезбедување подобри услови за живот и поквалитетни услуги за сите граѓани.