Општина Ѓорче Петров во соработка со Владата на почна со реализација на еден од најголемите и најзначајни проекти во последните години напиша градоначалникот Александар Стојкоски. Овој проект како што е објавено на неговата Фејсбук страница изнесува 8.835.996 денари и е дел од првиот Владин јавен повик и финансиран преку АA+ програмата.
„Стартуваше пробивањето на делот кој ќе ги поврзе ул.„Социјалистичка Зора“ и ул. „Сремски фронт“. Станува збор за клучен момент за подобрување на транспортот и врските на локалното население со главната сообраќајна артерија – ул. „Ѓорче Петров“.Целта на оваа значајна изградба е да се олесни сообраќајот во Општина Ѓорче Петров и да се намали сообраќајната гужва која често создава проблеми на постоечките патишта. Новата улица ќе обезбеди подобра врска помеѓу локалното население и клучната улица „Ѓорче Петров“, која води кон скопската обиколница, Тетово и други дестинации“, посочи Стојкоски
Според него со овој проект ќе се постигне:
- Подобрување на сообраќајната инфраструктура – создавање на нова врска која ќе ги поврзе двете улици.
- Намалување на сообраќајната гужва – распределување на сообраќајот и возилата кон нова сообраќајна артерија.
- Подобрување на квалитетот на живот на локалното население – олеснување на пристапот до главната улица „Ѓорче Петров“.
- Подобрување на безбедноста и ефикасноста на сообраќајот – намалување на оптоварувањето на постоечките патишта“.
На долг рок, градоначалникот посочува дека оваа нова инфраструктура ќе придонесе за поефикасно и побезбедно движење на возилата и пешаците, како и за подобрување на општото сообраќајно искуство на сите жители и посетители на општината.
„Проектот е важен не само за инфраструктурниот развој, туку и за создавање на современи услови за живот во општината. Сите активности на терен продолжуваат според планот и веќе стануваат видливи. Ѓорче се менува. Правиме значаен чекор напред во развојот на општината и целокупниот регион. Поддршката од Владата ни е особено важна и конечно имаме одличен партнер за реализација на капитални исчекори. Продолжуваме да создаваме“, напиша Стојкоски.